Талентите на МЗТ Скопје денеска и утре на гости кај шпански Хувентуд

Селекцијата на МЗТ Скопје за кошаркари родени 2004 и 2005 година вчера отпатува за Шпанија, каде што ќе одигра два пријателски натпревари против своите врсници од младинската школа на Хувентуд, која важи за една од најквалитетните во земјата на повеќекратниот европски и светски шампион.

Средбите се закажани за денеска и утре со почеток во 20 часот и тоа во салата каде што игра првиот тим на шпанскиот прволигаш, за кој настапува македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ. Како што информираат од клубот од „Јане Сандански“, ова треба да биде само почеток на спортско-техничката соработка на релација МЗТ Скопје Аеродром-Хувентуд.

На средбите против Хувентуд во дресот на МЗТ Скопје Аеродром ќе настапат: Лука Серафимовски, Тео Војновиќ, Стефан Маџовиќ, Филип Босилков, Филип Гавриловски, Бојан Стојановски, Јани Буха, Методија Михајловски и Виктор Стојнев.