Српска компанија направи нешто невозможно – ги збратими МЗТ и Работнички!

Телекомуникациската компанија МТЕЛ го направи тоа што досега беше незамисливо во македонската кошарка со оглед што од вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички направи – браќа.

Ова, секако, е фигуративно кажано, а причина за ваквата конекција е фактот што двата најголеми ривали во следната сезона ќе имаат ист главен спонзор на дресовите и тоа фирмата-ќерка на Телеком Србија. Аеродромци денеска информираа дека утре и официјално ќе потпишат спонзорски договор со МТЕЛ, чие лого веќе се најде на дресовите на кошаркарите на овој тим со кои настапија во завчерашниот триумф во Суперкупот. Станува збор за едногодишна соработка, но без да биде соопштена сумата која ќе заврши во касата на сино-белата чета.

Српската компанија, пак, лани во октомври стана спонзор на Работнички и тоа со најава за четиригодишна соработка, која на прес-конференцијата по тој повод беше процената на вкупно 1,4 милиони евра.

Ова е првпат во историјата на самостојна Македонија двата најголеми противници не само на кошаркарската сцена да бидат збратимени под логото на ист спонзор, кој се наоѓа на ударното место на нивните дресови.