„Шампионскиот менталитет и аеродромскиот инает клучни за трофејот за МЗТ!“

Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, го комплетира домашниот хет-трик во однос на победите во домашните натпреварувања, откако по победата во првенството и Суперкупот вечерва дојде и до пехарот во Купот на Македонија.

Токму оваа победничка низа на аеродрмци, зачинета од големиот број трофеи во последните 15-тина години, е причината за славјето во драматичното финале против Пелистер (62-60).

„Вечерва пресуди шампионскиот менталитет на МЗТ. Колку и да играме лошо, на површина излезе нашиот аеродромски инает. Оваа победа ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да нѐ бодрат. Ние денеска игравме во грч, но игравме без Војдан Стојановски што им даде можност на некои други кошаркари да бидат херои. Што се однесува до Робев, тој по вторпат е фактор за победата овде во Битола бидејќи блесна и лани во финалето од Купот и мене ми е многу мило за тоа“, изјави Атанасов.

Ова беше 12-ти пехар за МЗТ во Купот на Македонија.