Алкараз против Белучи или Џумхур ќе ја почне потерата по Синер

Откако го пропуштија Мастерсот во Торонто, двајцата најдобри светски тенисер Јаник Синер и Карлос Алкараз се враќаат на терените на турнирот во Синсинати кој официјално почнува утре.

Со оглед на тоа што 32 носитела се слободни во првото коло, Синер и Алкараз ќе почнат во текот на викендот, а ноќеска ја добија ждрепката за последниот Мастерс пред УС Опен. Италијанецот доаѓа како бранител на титулата, а одбраната ќе ја почне против квалификант или Вит Коприва од Чешка. На патот до финалето, најтежок ривал би му бил Тејлор Фриц од САД, но тој е во завршницата на Мастерсот во Торонто и прашање е во каква кондиција ќе отпатува во Охајо.

Алкараз како свој прв ривал во Синсинати ќе го има победникот од дуелот меѓу Матија Белучи и Дамир Џумхур. На овој турнир тој ќе ја почне потерата по првото место на АТП листата имајќи предвид дека во Синсинати и на УС Опен брани само 60 бода, а Синер брани 3.000, односно трофеите на двата турнира.

Синер е на првото место на АТП листата од 10 јуни 2024 година, односно 61 недела. Алкараз помина 35 недели на чело, но во четири различни периоди од кои последниот заврши на 10 септември 2023 година.