Веспрем неочекувано го отпушти легендарниот голман - европски првак со Вардар!

Ракометниот гигант Веспрем неочекувано го отпушти Арпад Штербик, кој од почетокот на новата сезона нема да работи како тренер на чуварите на мрежата.

Станува збор за еден од најлегендарните голмани во европскиот ракомет, кој четири години бранеше за Вардар, со кој во 2017 година стана европски првак.

„Управата на клубот донесе одлука да го раскине договорот со нашиот тренер на голманите, Арпад Штербик. Во иднина, овој сегмент сакаме да го развиваме со нов пристап и во поинаква насока“, соопштија од клубот.

До изборот на нов стручњак, задачите поврзани со голманите ќе ги преземат кадри од клубот. Штербик беше дел од стручниот штаб во изминатите пет сезони, а со Веспрем освои три шампионски титули во унгарското првенство, четири трофеи во Купот на Унгарија, како и една титула на Светското клупско првенство.