Навивач на Партизан брутално претепан во автобус од – 20 фанови на Ц. Звезда!

Едвај полнолетен навивач на Партизан, 18-годишниот О.Л., во критична состојба е примен во Клиничкиот центар во Белград, откако во автобус бил брутално претепан од група од околу 20 лица, за кои се смета дека биле фанови на Ц. Звезда.

Младото момче било облечено во дуксер со обележја на Партизан и патувало со неколку другари во автобусот со број 18. Во еден момент, патот на автобусот бил блокиран од неколку возила, од кои излегле околу 20 лица вооружени со палки и метални прачки.

„Влетаа во автобусот и директно се насочија кон момчето со дуксер со партизановото лого. Го удираа наизменично, а повредени беа и двајца негови пријатели“, изјавил извор близок до истрагата.

По нападот, О.Л. бил примен во болница во тешка здравствена состојба. На инцидентот остро реагираше ФК Партизан, кој преку официјално соопштение ја осуди ескалацијата на навивачкото насилство.

„Ова не е спорт, туку прашање на безбедност и здравје на општеството. Ривалството не смее да биде оправдување за омраза. Насилството не е поддршка, не е идентитет – тоа е кривично дело“, се вели во соопштението на клубот.

Партизан ги повика институциите да реагираат итно и решително и апелираше до сите клубови, медиуми и јавни личности за заедничка осуда на насилството, без разлика дали се случува на стадионите или надвор од нив.