Ренџерс го освои „Селтик парк“, Миовски остана закован на клупата (ВИДЕО)

Фудбалскиот викенд во Шкотска го одбележа големото „Олд Фирм“ дерби во кое гостинската екипа на Глазгов Ренџерс оствари значајна победа над својот најголем ривал Селтик (1-0), во меч во кој нашиот Бојан Миовски остана закован на клупата на победничкиот тим.

Гостите со овој триумф се доближија на само два бода табела зад градскиот ривал, нанесувајќи му го првиот пораз по шест последователни победи во Премиершип. Лошата форма на Селтик во меѓусебните дуели се потврди уште еднаш, со оглед на тоа што пред само седум дена Ренџерс славеше со убедливи 3-0 во натпревар од Лига купот. Миовски беше во поширокиот состав, но не доби шанса да влезе во игра.

Домаќините први се заканија, но погодокот во петтата минута им беше поништен поради офсајд. Како што одминуваше првото полувреме, Ренџерс стануваше сè поопасен, што резултираше со погодок во 34. минута. По изведен корнер и кратко одбиена топка од страна на домашниот голман Сибнисало, Рајан Надери одлично се снајде и ја затресе мрежата. Само неколку минути подоцна, Џејди Гасама имаше одлична прилика да ја удвои предноста, но неговиот удар од десната страна заврши во стативата. Супериорноста на гостите во првиот дел ја отсликува и статистиката од осум удари кон голот наспроти само едниот на Селтик, иако поседот на топката беше целосно на страната на домаќинот.

„Келтите“ на почетокот од второто полувреме имаа извонредна шанса за израмнување, но ударот со глава на Донован беше маестрално одбранет од голманот на Ренџерс, Ивор Пандур. Во 75. минута, Макања постигна спектакуларен еврогол под пречката за Ренџерс, кој сепак беше поништен поради играње со рака. До крајот на натпреварот, Селтик изврши голем притисок и изнуди неколку корнери префрлајќи го тежиштето на играта на противничката половина, но одбраната на Ренџерс успешно ги неутрализираше сите напади, не дозволувајќи стоотстотни шанси за израмнување.