Шампионот без милост - за една недела вторпат го среди МКК Куманово (ФОТО)

Откако во саботата како гостин славеше во Суперкупот, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје денеска повторно го победи МКК Куманово, во првото коло од новата сезона во домашната Суперлига.

Аеродромци пред своите навивачи славеа со 85-77 и победнички ја почнаа одбраната на 13. шампионска титула, освоена пред четири месеци. Иако се очекуваше дерби, неизвесност имаше само во првата четвртина и во финишот од мечот кога МКК Куманово со една серија се доближи на три поени негатива.

По израмнетиот прв период (19-19), клучна за победата на МЗТ беше втората четвртина која ја доби со 33-19 и на голем одмор замина со предност од 14 разлика. Заклучно со крајот на воведниот квартал, МЗТ направи серија од 15-0, а на средина од вториот период шампионот ги достигна највисоките +15 (41-26). МКК Куманово се обиде да се врати во продолжение од натпревари, на три минути пред крајот на третата четвртина се доближи на 53-58, во последната и на 62-65, но му недостасуваше последниот чекор. Во финишот МКК Куманово го направи последниот обид за пресврт и победа, дојде на 77-81, ама МЗТ не дозволи изненадување.

Варнер и Тадиќ со по 15 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, Лука Стојановски додаде 13, а Маслинко и Дамјан Стојановски по десет. Адем Мекиќ на фантастичен начин дебитираше за МЗТ Скопје, постигнувајќи 24 поени.