Само дома си е дома: Игор Михајловски пред камбек на клупата на Куманово!

Доскорешниот тренер на Кожув и поранешен европски шампион со екипата на Партизан како играч, Игор Михајловски, се очекува наскоро да седне на клупата на Куманово, дознава „Спорт1.мк“ од извори блиски до клубот.

Преговорите на управата со некогашниот стратег се во завршна фаза и според многумина само прашање е на време кога ќе се официјализира неговото враќање во тимот кој го предводеше пред три години. Михајловски е поранешен селектор на кадетската репрезентација на Македонија, а би го наследил Марјан Србиновски, кој пред неколку дена беше промовиран како тренер на новиот прволигаш Гостивар.

Според нашите информации, во игра за тренерското столче во Куманово се и двајца поранешни тренери на МЗТ Скопје, Александар Јончевски и Александар Петровиќ, но во моментов нивните шанси се драстично помали во однос на Михајловски, кој е роден кумановец.

Од играчкиот кадар, според нашиот извор, веќе е договорено останувањето на капитенот Марјан Јанески како и на Димитар Караџовски и на Никола Караколев. Кумановци се во преговори и со центарот на Кожув, Александар Штерјов.