Рулетот застана на црно - ТФТ оди во полуфинале

Екипата на ТФТ е трет полуфиналист во плејофот од македонското кошаркарско првенство, по денешниот драматичен триумф против градскиот ривал Чаир, во четвртиот меч од серијата.

Поранешниот освојувач на Купот на Македонија славеше со 70-69 и со вкупни 3-1, втора сезона по ред влезе меѓу четирите најдобри во земјава. ТФТ можеше да го направи без многу драма во финишот, но дозволи Чаир да ја стопи високата негатива и да се закани со „мајсторка“.

Највисоката предност, ТФТ ја имаше пред крајот на третата четвртина (60-45), а на три минути пред крајот на мечот имаше комотни +10 (66-56).Неочекувано дојде до опуштање во редовите на домашниот тим, па Чаир го искористи тоа, не само да ја стигне негативата, туку и со предност од 69-68 да влезе во последната минута. Ташовски потоа погоди едно слободно фрлање за израмнување, а Чаир нешто подоцна имаше цел напад за кош и победа. Роби не го искористи својот шут, а Далгер без потреба го фаулираше Хотон кој при 69-69 доби можност, на 1,4 секунда пред крајот да го реши победникот. Погоди само еднаш, доволно за триумф на ТФТ кој сега ќе го чека подобриот од серијата меѓу МЗТ Скопје и Гостивар.

Виктор Ташовски со 18 поени беше прв стрелец на ТФТ, Николов додаде 15, а Калхун 14. Галовеј го предводеше Чаир со 26 поени и 10 скока.