Работнички вечерва може да го пензионира „својот“ Бојан Трајковски - буквално!

Вечерашниот натпревар меѓу Феникс и Работнички, трет од четвртфиналната серија во домашниот плејоф, може да биде последен во кариерата за ветеранот во македонската кошарка Бојан Трајковски.

Тоа го соопшти неговиот клуб Феникс кој објави дека по завршувањето на сезоната, кога и да се случи тоа за тимот од Гази Баба, ветеранот заминува во пензија. 

„Последен танц на великанот! Сезоната 2023/24 за нашиот сениорски тим може да заврши уште на денешниот трет натпревар од четвртфиналната серија против Работнички, а тоа воедно ќе означи и крај на една ера во македонската кошарка со пензионирање на големиот Бојан Трајковски“, стои во соопштението на Феникс.

Бојан Трајковски зад себе има богата кариера која трае повеќе од две децении. Почна во Балкан Стил, а речиси да нема клуб во Македонија во кој не играл - од Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, до Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув, Пелистер и последните две години Феникс. Има пет шампионски титули од кои три со Работнички и две со Фени Индустри и шест трофеи во Купот на Македонија, три со Работнички, еден со Фени Индустри и по еден со Карпош Соколи и МЗТ Скопје. Освен тоа, оствари и интернационална кариера, во Полска, Косово и Унгарија и притоа освои титула во Балканската лига.

Долго време беше репрезентативец на Македонија за која настапи и на Европското првенство во 2015 година.