Работнички се засилува со еден од четворицата Македонци со трипл-дабл ефект!

Засилените активности кај речиси сите прволигашки екипи во последните денови од преодниот рок најавуваат исклучително возбудлив финиш од првенството, а прв со конкретен чекор е најтрофејниот тим Работнички, кој се договори со актуелниот репрезентативец Димитар Караџовски.

Станува збор за еден од четворицата македонски кошаркари кои во кариерата оствариле трипл-дабл ефект, кој деновиве стана актуелен поради бекот на Блокотехна, Горан Главчев. Поранешниот младински репрезентативец на неодамнешниот меч против Струмица постигна 16 поени заедно со по десет скока и асистенции со што им се приклучи на потенцијалното засилување на центарци, но и на Горан Самарџиев и на Тони Симиќ кои единствени го направија тоа пред него.

Караџовски во моментов е под договор со Куманово, од каде што доаѓаат информации дека се подготвени да му овозможат трансфер во тимот од „Градски парк“, откако ќе биде постигнат договор околу долгувањата кои во моментов ги имаат кон сѐ уште својот играч. Кумановци се свесни дека би изгубиле еден од своите најдобри играчи, но не сакаат во составот да имаат играч кој има желба да игра во друга средина.

Тие се подготвени веднаш да најдат замена за Караџовски, која колку-толку би ја покрила празнината во ростерот по евентуалното заминување на македонскиот репрезентативец. Прв на листата на желби им е плејмекерот на Фени индустри, Јане Петровски, чиј клуб најверојатно ќе игра во Плејаут лигата со речиси однапред обезбеден опстанок поради што и би можел да се откаже од својот најдобар кошаркар.

Работнички, пак, во искусниот бек би добил замена за ветеранот Димитар Мираковски со слични играчки карактеристики, кои и тоа како одговараат на стилот кој го форсира тренерот Марин Докузовски (игра два на два). Неофицијално, црвено-белите на Караџовски му понудиле едно ипол годишен договор, што дефинитивно е мотив плус за него да стави крај на соработката со Куманово и да се пресели во салата „Градски парк“.

Искусниот бек кариерата ја почна во МЗТ Скопје, каде што настапуваше во периодот помеѓу 2002 и 2005 година. Оттогаш во Македонија има играно за Пелистер, Торус, Кожув, Фени индустри и Куманово додека во странство настапуваше на Исланд (Скалагримур и Стјернен) и во Бугарија (Рилски спортист).

Преодниот рок во домашното првенство трае до петок односно еден ден пред почетокот на Суперлигата. Екипите и двојките од втората фаза на шампионатот ќе бидат познати по утрешното 22. коло од Првата лига.