Прволигашите заеднички (ќе) бараат пари од Антиќ, ама и испаѓање на само – две екипи!

Здружението на прволигашите на денешниот состанок ќе разговараат за предлогот челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) да потрошат дел од својот буџет на помош на клубовите, пред сѐ во делот на плаќање тестови за Ковид-19 и на укинување на котизацијата.

Ова всушност ќе значи прифаќање на иницијативата на МЗТ Скопје, кој пред една недела јавно побара од предводникот на макбаскетот, Перо Антиќ, да го прифати примерот на колегата од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов и да донесе одлука за финансиско олеснување на работата на прволигашите. Во примерот со ракометните екипи, помошта на екипите се оценува во износ од 7.000 евра месечно, што може да биде и помала во кошаркарскиот случај, со оглед што неофицијално е најавено дека ќе нема потреба да се прават тестови за Ковид-19 пред секое коло, туку само пред почетокот на првенството.

На денешниот собир ќе се разговара и за промена на одлуката на Куќата на кошарката за испаѓање на четири екипи на крајот од претстојната сезона, односно преполовување на оваа бројка и преселба во понизок ранг на само два тима. Првата лига беше проширена на 12 тима поради фактот што немаше испаѓање по минатиот шампионат, што беше прекинат поради пандемијата со коронавирусот, а луѓето од КФМ беа на став дека работите веднаш треба да се вратат на старот, поради што решија да испаѓа третина од лигата. Ако денешниот предлог биде усвоен од прволигашите, тој потоа ќе биде испратен на одобрување кај Управниот одбор на КФМ, кој го има решавачкиот збор.

Пред да се разговара на овие жешки теми, се очекува претставниците на КФМ да ги запознаат клубовите со системот и календарот за натпреварување во новата сезона, како и со протоколот за Ковид-19. На крајот, ако сѐ мине како што треба, се очекува да се изврши и ждребање на двојките за новата сезона. Ова ќе биде прв официјален состанок на Здружението на прволигаши на претставничката на Пелистер, Мери Ковачевска, како прва дама во историјата на оваа функција, на која дојде неодамна на местото на Видоја Секуловски.