Потврдено: Тренерот на кадетите ќе го предводи Работнички в недела против ТФТ!

Екипата на Работнички е на чекор до елиминација од годинешниот плејоф, што би значело шеста година по ред без пласман во финалето за најтрофејниот колектив во макбаскетот, што донесе големи турбуленции и промена на првиот тренер – Горан Самарџиев.

Поразот во вториот полуфинален дуел против ТФТ донесе оставка на популарниот Шуш, а денеска е потврдено дека црвено-белиот тим во продолжението од доигрувањето ќе го предводни Нермин Пепиќ, актуелниот тренер на М-14 селекцијата на овој клуб. Станува збор за најдобар стратег во младинските категории пред две години во избор на КФМ и поранешен помошник во првиот тим за време на мандатот на Тони Симиќ, со кого соработуваше на ист начин и во младинскиот национален тим на Македонија.

Пред Пепиќ е исклучително тешка задача со оглед што неговиот тим не смее да загуби во дуелите со ТФТ, кои можат да бидат само еден, но и три ако успее да ги разбуди кошаркарите. Проблем плус за него е што викендов е и завршниот турнир од М-14 првенството, каде што игра и Работнички, што значи дека в недела, за кога е закажан третиот дуел со популарната Тафта тој ќе мора прво да игра за трето место односно во финале, а потоа да „трча“ кон салата во Кисела Вода за да го преводи првиот тим во најважниот дуел сезонава.