Почнува спектаклот во Битола: Куп без аутсајдери, ама и без - апсолутен фаворит!

Од денеска до сабота, Битола ќе биде домаќин на 32. издание на Купот на Македонија кој од пред три години го носи името „Благоја Георгиевски Буштур“.

 Купот се враќа во Битола по пауза од 17 години откако во овој град се одржа во 2007 и тогаш пехарот го освои Вардар. Бранител на трофејот е МЗТ Скопје кој е и најуспешен тим во ова натпреварување со 11 титули, една повеќе од Работнички.

Како актуелен освојувач на тројната круна во домашната кошарка, МЗТ Скопје на хартија е прв фаворит и оваа година, но резултатите од почетокот на 2024 година навестуваат дека аеродромци ќе имаат сериозна конкуренција. Веќе загубија од Пелистер и Работнички, а со голема мака го победија Еуро Никел во Кавадарци, екипи кои исто така претендираат на освојување на трофејот во Купот.

Работнички последен пат триумфираше во 2019 година и оттогаш нема ниеден пехар во своите витрини, Еуро Никел сезонава игра како во своите најдобри денови, а Пелистер како домаќин и актуелен вицешампион се надева дека ќе го освои првиот трофеј во својата историја. Од втор план, својата шанса ќе ја чекаат ТФТ кој има добро искуство во Купот по триумфот во 2022 година, Чаир кој е најпријатно освежување сезонава во македонската кошарка, Феникс кој неодамна го намачи Пелистер, а денеска повторно ќе се сретне со него во четвртфиналето и Гостивар кој има проблеми со повреди, но од клупата е предводен од искусниот Јорданчо Давитков.

Денеска во Битола ќе има кошаркарски маратон бидејќи на програмата се четири четвртфинални натпревари, а првиот од нив почнува во 12 часот.

ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
(1) МЗТ Скопје - Гостивар 12:00
(2) Еуро Никел - Чаир 14:30
(3) Работнички - ТФТ 17:00
(4) Пелистер - Феникс 19:30
ДВОЈКИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕТО
Победник 1 - Победник 3
Победник 2 - Победник 4