
Почнува новата кошаркарска сезона, МЗТ и Баскет Кам ги бранат трофеите во Суперкупот
Од 17 часот се игра дуелот кај дамите во кој Баскет Кам ќе го брани трофејот што го освојуваше претходните три години. Предизвикувач ќе биде Вардар кој минатата сезона го освои Купот на Македонија, а на клупата на тимот од Македонска Каменица ќе дебитира новиот тренер Тони Симиќ. Минатата сезона овие две екипи се сретнаа во финалето од Купот и тогаш славеа „вардарки“ кои во меѓувреме останаа без Ања Начевска и Селцова.
Од 19:30 часот, МЗТ Скопје ќе се сретне со Кожув во обид да ја продолжи доминацијата во македонската кошарка, а особено во Суперкупот што го освојуваше претходните четири години. Тоа ќе биде и реприза на финалето од Купот на Македонија што се одигра во Гевгелија, а МЗТ на доминантен начин стигна до пехарот.
Во машка конкуренција, ова ќе биде 13. издание на Суперкупот на Македонија, а во досегашните 12, дури седум пати триумфираше МЗТ Скопје, по два трофеја имаат Работнички и Николферт, а еден Струмица. Кај дамите ќе се одржи петтиот Суперкуп во кој Баскет Кам ќе се бори за својот четврти трофеј, а еден има Бадел.