Пелистер победи петти пат по ред, Кожув и Вардар играа дури - три часа !
Битолчани сите дилеми ги решија уште во првата четвртина, кога со серија 20-4 дојдоа до првото двоцифрено водство (22-12), кое до крајот само го зголемуваа за највисоки плус 30 на стартот од последниот период (77-47). Домаќинот тогаш го намали ритамот и им даде шанса на помладите, што гостите од Скопје го искористија за намалување на огромната негатива. Лука Стојановски со 15 поени беше најефикасен кај Пелистер, додека Георги Зафиров со 16 поени беше најпрецизен кај ТФТ.

А, потврда за ужасната состојба во македонската кошарка дојде од Гевгелија, каде што Кожув лесно го совлада Вардар (78-57) во меч што траеше речиси три часа. Причина за тоа е проблемот со семафорот, кој домаќинот долго не можеше да го реши. Гостите беа упорни во желбата средбата да се доигра вечерва, па решија да чекаат колку е потребно, па по еден час игра конечно се најде вистинскиот мајстор.
Претходно денеска, Гостивар беше подобар од Чаир 2030 (89-84), Еуро Никел го растури ГКК Охрид (100-59), додека МЗТ Скопје уште во средата го совлада Феникс. Вечерва играат уште Академија ФМП и Работнички.