Кошаркарите на МЗТ Скопје денеска го имаа првиот организиран собир по двомесечна пауза наметната од рестрикциите кои беа донесени како мерки за борба против пандемијата со коронавирусот, но тој не беше во салата „Јане Сандански“ туку на – отворено.

Актуелниот шампион имаше кус тренинг на едно од отворените игралишта во општина Аеродром, на кој првенствено се работело на подобрување на индивидуалните способности. Ваквите собири, велат од таборот на „металците“ ќе бидат само повремени, сѐ додека не биде тргната забраната за организирно тренирање во сала.

„Забраната за тренинзи сѐ уште не ни дозволува да се вратиме во сала и да продолжиме со работа, онаму каде што застанавме кога пред два месеци беше прекинато првенството поради пандемијата со коронавирусот, но тоа не беше пречка нашите играчи малку да поработат индивидуално и на отворено да се подружат со топката, но и помеѓу себе. Секако, придржувајќи се кон сите препораки за социјално дистанцирање и заштита и дезинфекција, како средства за борба против болеста Ковид-19“, велат од таборот на МЗТ.

На теренот денеска се појавија петмината македонски кошаркари кои го носеа сино-белиот дрес сезонава и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов и Бојан Крстевски, заедно со неколкумина во вториот тим на кои сериозно се смета во иднина, како Дарио Митевски и Виктор Исајловски. МЗТ Скопје во моментот на прекинот беше првопласиран на табелата со скор 14-3 и две победи повеќе во однос на директните ривали, но пред неколку дена раководството на КФМ реши сезоната да ја поништи без да прогласи шампион. Седумкратниот македонски првак стигна и до плејофот во АБА2-лигата, каде што требаше да игра полуфинален дуел до две победи против Сплит. Засега сѐ уште не е јасна судбината на ова регионално натпреварување.