МЗТ Скопје лесно и убедливо до шестиот трофеј во Суперкупот (ФОТО)
Аеродромци ја освоија двојната круна минатата сезона, поради што во пресметката за овој трофеј го имаа финалистот од Купот на Македонија, кој имаше сили за отпор само во првите 17 минути. Феникс беше во игра за евентуална победа до пред крајот на првото полувреме, кога ги имаа највисоките плус четири (25-29) по што им се случи потоп.
До крајот на вториот и до средината на третиот период се случи вистински блиц-криг на далеку поискусните кошаркари во сино-бела опрема, кои со спектакуларна серија 25-2 не само што го вратија водството, туку дојдоа до предност (50-31) која им овозможи далеку помирен финиш. Сѐ што се случуваше до крајот беше само рутина, односно одработување на задачата од страна на тимот кој повеќе од една деценија доминира во макбаскетот.
Тренерот на МЗТ, Васко Атанасов, одлично ги искористи речиси сите играчи од клупата, го распредели речиси рамномерно товарот врз сите, поради што и немаше некој што премногу се експонира, туку сите играа тимски. Тоа резултира со само двајца со двоцифрен поентерски ефект и тоа Војдан Стојановски со 13 и Седрик Расел со 12 поени, додека Ворку, Танасковиќ и Дамјан Стојановски реализираа по осум поени. Даниел Шакур со 18 поени беше најпрецизен кај Феникс.
Првенствената сезона, пак, официјално почнува следниот викенд со средбите од воведното коло од Првата лига. Повторно ќе се игра без Суперлига, со плејоф со осум екипи, а промена е што сите рунди од доигрувањето ќе се играат до три победи, за разлика од досега кога по овој систем се играше само финалето.