Кошаркарите на МЗТ Скопје се првите финалисти во Купот на Македонија, откако вечерва во првото полуфинале на завршницата во Битола го совладаа вечниот ривал Работнички (81-76) во невообичаено „тивок“ меч пред мал број гледачи и без присуство на навивачи на двата тима.

Аеродромци сосема заслужени се изборија за 17. пласман во битката за драгоцениот трофеј, каде што досега 11 пати доаѓаа до целта, а пет пати ја губеа финалната пресметка. Работнички пак и петта година по ред останува без пехарот во Купот, па и понатаму ќе остане на десетте трофеи кои ги има досега. Центарци само четири пати минимално водеа на оваа средба и тоа само еднаш со два поени, додека сино-белите уште со стартните 7-0 најавија оправдување на фаворитската улога. Нивната победа беше запечатена со четирите поени во низа на крајот, на кои им претходеше одлична блокада на Марко Баковиќ, кој се покажува како голем дефанзивен фактор во таборот на шампионот.

Статистиката покажува дека пресуден за поразот на црвено-белите бил фактот што имале 15 загубени топки, односно осум повеќе во однос на ривалот, со оглед што во сите останати параметри двете екипи беа речиси изедначени. На составот од „Градски парк“ не му помогна што имаше девет слободни фрлања повеќе, со оглед што промашуваше повеќе (21/27 – 16/18).

Војдан Стојановски со 18 поени и осум асистенции и Душан Танасковиќ со 18 поени и 10 скока беа најдобри во победничкиот тим, додека кај Работнички најефикасни беа Трајс со 20 и Декоси со 19 поени.

Противник на МЗТ Скопје во утрешното големо финале ќе биде победникот од второто полуфинале помеѓу Пелистер и Еуро Никел (19.30 часот).