Кошаркарите на Феникс вечерва остварија голема победа против Работнички со 87-79, додека МЗТ Скопје го декласира Вардар со 96-61 во македонската Прва лига.

Работнички во поголем дел од првата четвртина имаше водство, кое во еден момент достигна и девет поени (26-17), а добрата игра продолжи и до крајот на првото полувреме кое му припадна на домаќинот со 48-43.

Феникс во вториот дел заигра многу подобро од противникот, кој влезе во серија од грешки, а тоа му овозможи на гостинскиот тим да стигна до 70-59 по третата четвртина.

Предноста на Феникс достигна и +15 (78-63), по што следеше голем пад на гостинскиот тим и тоа го искористи Работнички за да намали на 75-78 и да ја врати неизвесноста. Сепак, Феникс не дозволи пресврт и славеше со 87-79. Најдобар во победничкиот тим беше Џонс со 20 поени, додека Рикиќ постигна 21 поен за Работнички.

Екипата од Аеродром ниту еднаш не беше во негатива, а Вардар по израмнувањето (6-6) буквално се распадна на паркетот и само по првата четвртина имаше негатива од 22 поени (12-34).

МЗТ Скопје продолжи со одличната игра и во следните 10 минути, а Вардар се обидуваше да избегне поголема негатива до полувреме (35-58). Актуелниот шампион се разигра во второто полувреме уште повеќе и продолжи да го полни кошот на „црвено-црните“ до конечни 96-61.

Бајрам со 17 поени беше најефикасен кошаркар кај Вардар, додека Баковиќ постигна 13 поени и 10 скокови за тимот од Аеродром.

Кожув беше подобар во текот на целиот натпревар против Гостивар и го прегази со убедливи 102-67, при што најдобри стрелци во победничкиот состав беа Слатер и Криснан со по 18 поени, додека Остен постигна 21 поен за гостите.

МЗТ Скопје е лидер со 19 бодови, а потоа следи Пелистер со 17, додека по 16 имаат Работнички, ТФТ Скопје и Феникс.