Куманово ептен амбициозен – во еден ден потпиша двајца ветерани и Американец!

Екипата на Куманово уште сега покажува дека ќе биде една од најамбициозните во новата сезона, откако по вчерашното ангажирање на првиот Кинез во Македонија, денеска потпишаа договори со тројца нови кошаркари.

Договорот со кумановци го обнови 36-годишниот ветеран Ненад Зивчевиќ, македонски крилен кошаркар со три европски злата со младинските селекции на СР Југославија и Србија и Црна Гора, а во тимот се врати и две години помладиот Марјан Јанески, кој во минатото првенство настапуваше за Гостивар.

Шлаг на денешната торта е американскиот плејмејкер Метју Кели (25 год, 178 см), кој доаѓа од Асумпшн колеџот од втората НЦАА-дивизија, каде што минатата сезона просечно реализирал по 15,9 поени и 3,9 асистенции и бил избран во втората најдобра петорка на лигата. Претходно, договори беа потпишани со Србите Јузбашиќ и Марјановиќ и Сун од Кина.