Меч за паметење на Вимблдон: Сервис за историја и прекин поради – полициски час (ВИДЕО)

Францускиот тенисер, Џовани Мпеши Перикар, постави нов рекорд за најбрз сервис во историјата на Вимблдон, откако уште во третиот поен од мечот против Американецот Тејлор Фриц испрати топка со неверојатна брзина од 246 километри на час.

Тој со тоа го надмина претходниот рекорд од 238 км/ч, кој го држеше Тејлор Дент од 2010 година. Иако Перикар го испрати рекордниот сервис, неговиот противник Фриц успеа да го врати и дури и да го добие поенот. Мечот од првото коло на овој гренслем-турнир, кој траеше повеќе од три часа, беше прекинат при резултат 2-2 во сетови (6-7, 6-7, 6-4, 7-6), токму пред почетокот на петтиот сет. Судијата го прекина натпреварот во 22.18 часот по локално време, цели 42 минути пред официјалниот рок за завршување на мечевите, поради таканаречениот „полициски час“ на Вимблдон. Ваквата одлука предизвика видлива фрустрација кај Фриц, кој сметаше дека е во налет и дека би можел да ја заврши работата за околу 40 минути.

Причината за строгото ограничување на времето на игра е традицијата и барањата на жителите околу комплексот во Вимблдон, кои се противат на доцни натпревари. Прекинот најмногу му одговараше на Перикар, кој го загуби драматичниот четврти сет и сега ќе има шанса за одмор пред евентуален обид за пресврт во денешното продолжение.