Гостивар се засилува со Американец кој пред пет години беше најдобар стрелец во АБА!

Големата амбициозност и желбата конкретно да се замеша во борбата за титулата и трофејот во Купот на Македонија, управата на Гостивар ја потврдува и со, засега неофицијалната најава, за ангажирање на уште едно американско засилување, кои би им се приклучило на сонародниците Донован Доналдсон и на Ентони Ли, кој неодамна потпиша со овој клуб.

Најавите се дека во вториот дел од сезоната дресот на гостиварскиот прволигаш ќе го носи Малком Армстед (30 год., 183 см.), кој има и косовски и романски пасош како и настапи за овие две репрезентации. За Косово играше на официјални средби додека за Романија на неофицијален турнир во Кина. Станува збор за искусен бек, кој важи за одличен шутер и поентер.

Армстед е добро познат на кошаркарската јавност на просторот на поранешна СФР Југославија, со оглед на одличните настапи во дресот на Крка, каде што настапуваше од 2013 до 2015 година. Но, потоа почна често да менува клубови, па во следните четири години настапуваше за дури десет различни екипи меѓу кои се Автодор Саратов, АЕК Атина, Истанбул ББ, Јесилгиресун, Нептунас, Ретимно, Бујукчекмече, Кимис, Приштина и Пеќ.

Зад себе има шампионска титула во Словенија (2015) и две победи во Купот на оваа земја (2014 и 2015), како и најдобар стрелец во регионалната АБА-лига и член на најдобрата петорка во сезоната (2015 година).