Роналдо откри како му помагал на Меси низ годините

Кристијано Роналдо зборуваше за односот со Лионел Меси, со кого 15 години го делеше врвот на светскиот фудбал, откривајќи дека на доделувањата на наградите понекогаш му преведувал од англиски јазик.

Во интервју за португалскиот „Си-ен-ен“ кое го пренесуваат британските медиуми, 41-годишниот напаѓач на Ал Наср се потсети на заедничките моменти со 39-годишниот Аргентинец.

„15 години заедно делевме сцена на доделувањата на наградите и секогаш имавме многу добар однос. Се сеќавам дека еднаш или двапати му преведував што зборуваат на англиски: ‘Меси, ти ќе застанеш тука. Потоа таа ќе ти постави прашање.’ И јас му преведував. Водителката ќе кажеше: ‘Ќе го направиме ова’, а јас ќе му кажев на Меси: ‘Да, многу добро’. Беше забавно“, раскажа Роналдо.

Тој додаде и дека Меси секогаш се однесувал убаво кон него, иако секој од нив ги бранеше боите на својот клуб и својата репрезентација.

„Мислам дека имаше години кога тој сакаше да даде сè од себе и да постигнува голови, а истото го сакав и јас. Тоа беше здраво ривалство, слично на она што можеби го имаа Аиртон Сена и Ален Прост. Мислам дека меѓусебно се мотивиравме“, изјави Роналдо.