Англиски клуб направи револуционерен потег - ќе игра без главен тренер!

Екипата на Форест Грин Роверс која се натпреварува во петтиот ранг на англискиот фудбал, се одлучи за необичен потег по заминувањето на тренерот Роби Севиџ во Питерборо.

Наместо да ангажира нов шеф на стручниот штаб, клубот ќе се обиде да функционира со тројца рамноправни тренери, кои заеднички ќе носат одлуки за тимот. Идејата ја претстави сопственикот на клубот, Дејл Винс, кој смета дека традиционалниот систем, во кој еден менаџер го има главниот збор, не е секогаш најдоброто решение.

„Во фудбалот со екипите отсекогаш раководеле менаџери со големо его, а не сум сигурен дека тие секогаш ги носат најдобрите одлуки“, изјави Винс.

По заминувањето на Севиџ, одговорноста за првиот тим ја презедоа Џош Боуен, Јан Клуковски и Џонатан Гулд. Тројцата заеднички ќе ги водат тренинзите, ќе ги подготвуваат натпреварите и ќе носат одлуки за составот и тактиката.

Сопственикот на Форест Грин смета дека предноста на ваквото решение е тоа што сите тројца веќе добро ги познаваат екипата, играчите и начинот на функционирање на клубот.

„Ќе се обидеме со нешто поинакво за да добиеме поурамнотежен процес на донесување одлуки. Извесен период ќе функционираме без менаџер со големо его и ќе видиме што ќе се случи“, објасни Винс.

Во клубот нагласуваат дека овој модел можеби нема да биде трајно решение. Планот е во наредниот период да се проценат резултатите и начинот на функционирање на стручниот штаб, по што ќе биде донесена одлука за евентуално ангажирање нов менаџер.