„Барса нема да го наполни Реал, уште не играла со противник рамен на себе“

Поранешниот фудбалер на Реал, Хозе Марија Гути ги подгреа страстите пред претстојното „Ел Класико“, кое ќе се одигра на 25 октомври. Поранешниот играч на „кралевите“ смета дека Барселона не треба да очекува лесна победа против најголемиот ривал и покрај одличните резултати на почетокот од сезоната.

Според него, екипата на Ханси Флик досега немала можност да ги измери силите со противници од највисоко ниво, поради што резултатите од досегашниот дел од сезоната не се доволни за да се извлечат конечни заклучоци за нејзината моќ.

„Барселона сигурно нема да го разнесе Реал Мадрид, како што многумина тврдат. Барса досега не се соочила со противник рамен на себе. Имаше релативно лесни натпревари, а допрва ќе видиме како ќе се снајде против екипи како Реал Мадрид и Пари Сен Жермен“, е пораката на поранешниот фудбалер, пренесена во шпанските медиуми.

Гути се осврна и на европските амбиции на каталонскиот клуб, посочувајќи дека освојувањето на Лигата на шампионите останува еден од најголемите предизвици за Барселона.

„На Барселона ѝ недостига титулата во Лигата на шампионите. Да видиме дали навистина ќе може да се бори за неа“, порача тој.

Сепак, поранешниот играч на Реал не ги негира квалитетите на големиот ривал. Напротив, признава дека Барселона во моментов има одредени предности, особено во смиреноста и стабилноста во играта.

„Тие се одличен тим и имаат смиреност што Реал Мадрид ја нема во моментов“, призна Гути.

Барселона влегува во октомвриското дерби со одлична серија резултати, додека Реал Мадрид се обидува да ја подобри формата под водство на Жозе Мурињо. Каталонците неодамна го совладаа Хетафе со 3-0, а Реал минимално го победи Виљареал со 1-0. Првото „Ел Класико“ во новата сезона е закажано за 25 октомври на „Камп Ноу“ и ќе биде вистински тест за амбициите на двата ривали.