Феникс и Работнички ќе играат, а на 50 метри од нив ќе пее – Бреговиќ во живо!

Македонските вљубеници изминативе децении веќе се навикнаа на многуте курцшлуси поврзани со термините на средбите во домашното првенство, пред сѐ со поклопување термини на тимовите од ист град што им одземаше можност да ги гледаат двата меча, но претстојното 21. коло од Првата лига носи нешто што досега ретко кој можел и да си го помисли – спој на кошарката и музиката.

Екипата на Феникс средбата против Работнички ја закажа за в сабота со почеток во 20.30 часот во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, нешто што нормално не би било вредно ниту да се спомене како некаква најава. Но, кога на ова се додаде дека во исто време и тоа на само 50 метри воздушна линија, а под ист кров, ќе има концерт тогаш средбата помеѓу скопските ривали добива посебна димензија. Истиот ден и во истиот термин е закажан музичкиот спектакл на Горан Бреговиќ и неговиот „оркестар за свадби и погреби“, за кој постои голем интерес и за кој се очекува на трибините и на паркетото да се најдат најмалку пет илјади обожаватели.

Досега не е познато, барем не во македонската кошарка, во исто време и во ист спортски центар да се одржи натпревар за време на концерт, на кој ќе има екстремно силно озвучување и гласна публика, па прашање е како сето тоа ќе личи. Дали игрчите и тренерите ќе се слушаат помеѓу себе и дали воопшто до израз ќе дојдат свирчињата на судиите, што е клучно средбата да биде регуларна. Истото се однесува на сирените за напад, четвртина, полувреме и крај, поради што реално е да се каже дека оваа средба во најмала рака би била на работ на регуларноста.

Мора да се напомене дека е предвиден и директен пренос од овој натпревар на МТВ-3, кој има потенцијал да биде еден од најгледаните, во зависност колку во позадина ќе се слушаат звуците од концертот на музичката легенда, Бреговиќ.