Екс-градоначалникот на Куманово ќе се „тепа“ со Илиевски за местото претседател на МКФ!

Поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски-Циц, најверојатно ќе биде противкандидатот на Владо Илиевски во битката за претседателската фотелја во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) во случај клубовите да му изгласаат недоверба на сегашниот предводник Петар Наумоски на Собранието кое ќе се одржи в недела.

Ова, во помалку завиена форма, го потврдува и самиот Дамјановски, кој за време на градоначалничкиот мандат делуваше и како предводник на екипата на Куманово, која во тој период беше во врвот од македонската кошарка и во БИБЛ-лигата.

Ќе почекам да видам дали клубовите ќе му изгласаат недоверба на Наумоски. Дури потоа, ако видам дека клубовите не го сакаат Пеце, ќе ја поднесам мојата кандидатура. Не бираме селски кмет и не сакам да брзам. Ако видам дека има расположение за промени, ќе ја презентирам мојата визија за кошарката во Македонија“, изјави Дамјановски за специјализираниот кошаркарски портал Баскетбол.мк.

Според добрите познавачи на приликите, Дамјановски е решение на поранешниот претседател на МКФ, Даниел Димевски, кој беше заинтересиран за враќање на старста функција, што сега не може да го направи од административни причини со оглед што е назначен за советник за спорт на премиерот Зоран Заев. За да влезе во игра за претседателската функција, популарниот Циц ќе треба да собере потписи од десет членки на Собранието на МКФ, нешто што неговиот противкандидат веќе одамна го има направено.

Според веќе утврдената агенда, на собирот на највисокиот орган во македонската кошарка (11 февруари), ако на Наумоски му биде изгласана недоверба, тогаш веднаш ќе почне Изборното Собрание на кое ќе се презентираат кандидатурите на заинтересираните и нивните програми, а потоа ќе се гласа за наследник на популарниот Пеце.