Екипите во еден глас: Купот е натпреварување во кое не секогаш победува фаворитот!

Три четвртини од екипите кои следниот викенд ќе настапат на завршниот турнир од Купот на Македонија (шест од осум) денеска се појавија на прес-конференцијата во Негорски бањи каде што ги искажаа своите очекувања од претстојниот спектакл во Гевгелија.

Не беа присутни само Куманово и АВ Охрид, а останатите речиси со идентични ставови, дека во ова натпреварување не секогаш победуваат фаворитите.

„Сакаме на мечевите да им пристапиме максимално сериозно и да не дозволиме изненадување. Наша желба е пласман во финалето, но и кревање на победничкиот пехар без разлика што во нашиот дел од костурот има екипа со големи промени во играчкиот кадар. Мојата желба е идентична како онаа на градоначалникот Поцков, а тоа е во финалето да играат двете екипи од Гевгелија“, изјави тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски.

Слични беа размислувањата и на капитенот на овој тим, Горан Главчев.

„Блокотехна е релативно млада екипа, но веќе втора година по ред е во завршната фаза од ова натпреварување. Не се согласувам дека сме имале среќа со местото во костурот, бидејќи одигравме одлично во првиот дел од сезоната и заслужено сме таму кај што сме. Во Купот нема фаворити, одлучува инспирацијата и мотивацијата“, дополнува Главчев.

Противник на гевгеличани во четврт-финалето ќе биде АВ Охрид, а потоа ќе се сретнат со подобриот од дуелот помеѓу Гостивар и Фени индустри.

„Во Купот не победува секогаш подобриот и мора да бидеме многу внимателни. Фени е незгодна екипа што игра многу добро во последно време. Се засиливме со две нови имиња, но не сме во посакуваниот ритам, ќе ни треба време да се воиграме. Но и покрај сето ова, очекувам да прикажеме добра игра“, вели тренерот на гостиварци, Марјан Србиновски.

Шанса за својот тим гледа и тренерот на кавадарчани, Љупчо Малинков.

„Првиот меч секогаш е најтежок. Верувам дека може да изненадиме, имаме млада екипа, но верувам дека психолошки одлично ќе влеземе во мечот и дека ќе останеме барем уште еден ден, за полуфинален дуел со Блокотехна“, оптимист е Малинков.

Улогата на бранител ќе ја има МЗТ Скопје, кој на првото скалило ќе се сретне со Кожув.

„Имаме обврска да го одбраниме трофејот и се надевам дека ќе успееме во тоа. Сите екипи што ќе играат се сериозни, а дел од нив и дополнително засилени. Нека победи најдобриот, а ова нека биде празник на кошарката“, изјави Кочов.

Четвртфиналниот ден ќе го затвори шампионот Работнички со тимот на Куманово.

„Викендов игравме со Куманово и уште еднаш се уверивме дека тоа е 'фајтерска екипа' која се бори до крај и која нема однапред да се предаде. Шансите се половично, а според мене Работнички не е фаворит на овој турнир, пред сѐ поради повредите со кои се соочуваме. Но, како актуелен шампион имаме обврска кон управата и кон навивачите да дадеме сѐ од себе да дојдеме до пехарот“, изјави Игор Михајловски, кој како помошник дојде на местото на главниот тренер, Марин Докузовски.

Средбите во петок почнуваат во 13 часот, а ќе завршат некаде пред полноќ.