Бомба во најава од „Градски парк“: Перо Антиќ од јануари во дресот на Работнички?!
Тројниот европски шампион веќе неколку месеци е без клуб, откако му завршија обврските кон Црвена звезда на почетокот од минатото лето, а, како што стојат работите, сѐ уште не е подготвен да замине во играчка пензија. Како одминува сезоната така се намалуваат шансите за негов ангажман во некој (по)квалитетен европски клуб, со оглед што сите активни на пазарот бараат играчи кои веднаш би направиле разлика, а не некој кој уште од мај е надвор од организиран тренажен процес.
Сето ова наведува дека сосема сериозно може да се сфатат шпекулациите за враќањето на Антиќ на домашна сцена и тоа по пауза од скоро две децении по неговото заминување на печалба на почетокот од овој век и тоа токму од тимот од „Градски парк“. Потписот на единствениот македонски кошаркар со НБА-искуство би бил своевидна „кец на десетка“ и за Работнички, со оглед на неговата забрана од ФИБА за ангажирање странски кошаркари сѐ додека не го исплатат долгот од околу 40.000 евра кон Србинот Дарко Чохадаревиќ, кој кусо време играше за црвено-белите од Центар на почетокот од минатата сезона.
Со евентуалниот ангажман на Антиќ, актуелниот шампион дури и ако не се ослободи од забраната од ФИБА и остана само со еден странец до крајот на сезоната, повторно би имал состав со кој дефинитивно би можел да атакува на одбрана на шампионската круна, што сигурно нема да биде лесно. Блокотехна и МЗТ Скопје се ривали кои никако не смеат да се потценат во трката за трофеите, особено што нивната предност е можноста во секое време да се засилат со кошаркари од странство, нешто што во моментов е недостапно за четата предводена од Марин Докузовски.
Поранешниот репрезентативец првите чекори ги направи токму во Работнички каде што настапуваше во периодот од 1999 до 2001 година, по што замина во АЕК и оствари повеќе од импресивна кариера. Ќе останат запаметен како прв Македонец со три европски титули (2012 и 2013 со Олимпијакос и 2017 со Фенербахче) и прв играч роден во нашата земја кој потпишал за екипа од НБА-лигата (Атланта хокс). Во својата шампионска ризница има и по две титули во првенствата на Грција, Турција и Бугарија како и една во Србија.