Одбојкарите го потопија Исланд за втора победа во Европската лига
Нашите одбојкари славеа со 3-0, но резултатот не го отсликува реално односот на теренот бидејќи сите три сета беа тешко освоени. Првите два беа решавани во финишот бидејќи Македонија иако го диктираше темпото, дури на крајот го кршеше отпорот на противникот.
Во првиот сет беше 8-7, па 16-14 и 21-18, за во финишот нашите одбојкари да слават со 25-21 за водство од 1-0. Во вториот сет, нешто поразлична слика бидејќи Македонија постојано имаше предност од 4-5 поени за по 21-18 да дојде до драма. Се решаваше на еден поен и за среќа, нашите одбојкари го добија со 25-23. Најлесно беше освоен третиот сет во кој повторно македонската репрезентација водеше со 8-4, па 16-12 и со 21-14 влезе во мирен финиш, за потврда на убедливата победа.
Никола Ѓорѓиев повторно беше наш најдобар играч, постигнувајќи 24 поени. Утре нашата репрезентација ја очекува многу потешка задача, против Грција која е домаќин на овој турнир.