Инфантино им одговори на критичарите, но за најважните работи не кажа ниту збор!
Поголемиот дел од неговото обраќање не беше посветен на организацијата на шампионатот, туку на острите критики кон новинарите, медиумите и сите што во изминатите недели укажуваа на пропустите, контроверзните одлуки и високите цени на билетите.
Инфантино ги обвини критичарите дека „седат зад своите пенкала, листови хартија и екрани, ширејќи омраза и лажни приказни“, додавајќи дека намерно создаваат поделби. Според него, медиумите неоправдано им дале голем простор на случаите на луѓе на кои им бил одбиен влез во САД, додека ги игнорирале милионите успешно одобрени визи.
Првиот човек на ФИФА ги отфрли и критиките за судењето и дисциплинските одлуки, тврдејќи дека тие што не се согласуваат со нив едноставно не ги разбираат правилата, кои, како што истакна, се широко прифатени во најсилните светски лиги.
Но, францускиот весник „Л'Екип“ веднаш посочи дека во објавата на Инфантино недостигаат неколку важни факти.
Иако претседателот на ФИФА тврдеше дека сите учесници без проблем влегле во САД, не го спомена случајот со сомалискиот судија Омар Артан кој не успеа да влезе во земјата.
Исто така, додека ги бранеше дисциплинските одлуки на ФИФА, Инфантино не се осврна на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и поништениот црвен картон на напаѓачот, Фоларин Балогун.
Во својата објава Инфантино настапот на Иран го претстави како пример за единство и заедништво, но не спомена дека учеството на оваа репрезентација беше неизвесно до последниот ден и зависеше од посебни услови.
Без коментар останаа и цените на билетите, кои предизвикаа големо незадоволство кај навивачите и беа една од најкритикуваните теми за време на Светското првенство.