Апостолов: Не го признавам МЗТ за фаворит во финалето, ако играме како денеска - сѐ е можно

Екипата на Кожув ги израдува домашните фанови и обезбеди пласман во финалето од Купот на Македонија каде утре ќе се сретне со бранителот на трофејот МЗТ Скопје.

Тоа ќе биде шанса гевгелискиот клуб да го освои првиот трофеј во својата историја и да го прослави пред своите навивачи. Тренерот Апостоли Апостолов е презадоволен од она што се случуваше вечерва и најави жестока борба за пехарот, па дури и го предзизвика МЗТ Скопје. 

„Прво би сакал да им се заблагодарам на моите кошаркари, имав четворица повредени играчи уште од пред четвртфиналето, сите стиснаа заби и одиграа максимално ангажирано и одговорно. Секоја им чест, утре одиме да играме со МЗТ Скопје, што и да биде, ние играме на домашен терен, играме за нашиот град и ќе дадеме се од себе.

Јас не признавам фаворити, МЗТ Скопје е шампион, но јас не мислам дека е фаворит. Играме дома, ние сме шест играчи, тие се пет, ако одиграме како денеска, се е можно во финалето. Ова е голем успех за нашиот проект бидејќи во прв план се кошаркарите од Гевгелија, тоа и беше нашата замисла пред почетокот на сезоната и одиме до крај“, рече тренерот на Кожув.

Гевгелискиот тим ќе го игра второто финале во Купот на Македонија откако во 2015 година загуби од Работнички во „Јане Сандански“.