Формула 1 официјално го доби првиот кинески возач

Гуанју Жу следната сезона ќе вози за тимот на Алфа Ромео и ќе биде првиот Кинез во историјата на Формула 1. 

Тој ќе биде тимски колега на Валтери Ботас, кој го напушта Мерцедес и од 2022 година ќе вози на местото на Кими Раиконен, кој заминува во пензија. Жу пак ќе го замени Антонио Џовинаци.

Оваа сезона Жу се натпреварува во Формула 2 и е во конкуренција за шампионската титула. Во меѓувреме имаше тестови со тимот на Алпин, а неговите резултати беа доволен сигнал за Алфа Ромео да му даде шанса во најбрзата и најпрестижната серија. 

„Од дете сонувам да се искачам највисоко што можам во спортот што го сакам и сега мојот сон се исполни“, вели 22-годишниот возач. „Навистина ми е голема привилегија да ја почнам мојата кариера во Формула 1 во еден легендарен тим, кој во минатото има промовирано многу млади таленти. Сега мојот сон е реалност“, додаде Кинезот.