Фетел оди во пензија: Сакам повеќе време со семејството

Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел објави дека по завршувањето на сезоната се повлекува од спортот. 

Актуелниот пилот на Астон Мартин вели дека неговите цели во последно време се промениле, од освојување титули и победи во тоа да биде добар татко и сопруг. Очигледно поранешниот шампион повеќе сака да биде со семејството отколку на патеките низ целиот свет. 

„Мојата пасија за тркањето и Формула 1 дојде со многу време минато без моето семејство и тоа зема голема енергија. Посветувањето на мојата пасија на начинот што го правев  јас и начинот на кој сметав дека е исправно повеќе не оди едно покрај друго со мојата желба да бидам добар татко и сопруг. Желбата да се биде едно со болидот и тимот и да се брка перфекцијата треба многу фокус и посветеност. Моите цели се променија од победи на трки и борба за шампионски титули во гледање како растат моите деца, да им ги пренесувам моите вредности, да им помогнам кога ќе паднат, да ги слушам кога сум им потребен, да не морам да им велам збогум и најважно да учам од нив“, изјави Германецот.

 

Во својата фантасична кариера Фетел освои четири шампионски титули и тоа сите со Ред Бул. Победи вкупно на 53 трки и 122 пати се искачи на победничкиот подиум. Освен за Ред Бул и сега во Астон Мартин, тој дел од кариерата мина и во болидот на Ферари.