Ждрепката во ЛШ повторно наместена? Тоти знаеше сѐ! (ВИДЕО)

Извлекувањето на двојките од четвртфиналето на Лигата на шампионите, кое се одржа вчера, мина без некакви помпезни вести за местење на паровите.

На вчерашната церемонија во Нион присуствуваа големи фудбалски имиња, а меѓу нив беше и Франческо Тоти, и тоа како претставник на единствениот негов клуб во животот.

Рома вчера немаше среќа и ја доби Барса за противник, еден од главните кандидати за титулата. Но, Тоти се погрижи и големиот ривал на Рома, екипата на Јувентус, да го добие европскиот шампион за противник.

Откако Андриј Шевченко го извлече Јувентус, камерите по фокусирањето на Павел Недвед, во гледалиштето го уловија и Тоти, кој со сериозен израз на лицето проговори: Реал, Реал...

Секако, Шевченко по ова го „послуша“ и состави пар кој е всушност реприза на ланското финале во кое Јуве загуби од Реал по катастрофалниот настап во вториот дел. Ваквата реакција на Тоти стана хит низ социјалните мрежи во комплетна Европа.