За Европското првенство се подготвува промена која ќе им се допадне на селекторите!

УЕФА на состанок идниот месец ќе одлучува дали да се зголеми бројот на играчите за престојното Европско првенство во Германија.

Според сегашните правила, секоја репрезентација може да има 23 играчи кои ќе бидат пријавени за Европското првенство, предлогот е да бидат 26.

Според германската агенција „ДПА“, УЕФА добила барања за проширување на ростерот од неколку репрезентации кои ќе учествуваат на Европското.

„Добивме неколку пораки од селектори на репрезентации кои се однесуваат на бројот на членови во тимот. Работна група и претставници на репрезентациите ќе го разгледуваат тоа на 8. април, а ние ќе ги проучиме сите можни решенија и идеи“, велат од УЕФА.

На последното Европско првенство кое се играше во 2021 година, поради пандемијата на ковид-19, репрезентациите можеа да пријават по 26 играчи, а 26 ќе имаат и за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

Проширување на составите би било радосна вест за селекторите кои ќе можат да понесат повеќе фудбалери на шампионатот со што ќе имаат поголем избор, особено оние кои стигнуваат подалеку на турнирот.