Великаните Реал Мадрид и Интер мора да победат за да избегнат срамна елиминација од ЛШ!

Поранешните европски шампиони Реал Мадрид и Интер вечерва ќе мора да победат и да ја фатат „сламката за спас“ за да не доживеат срамна елиминација уште во групната фаза во Лигата на шампионите, во завршниот чин од оваа сезона во првата фаза од елитното натпреварување.

Разврската во групата Б, која требаше да биде лесна за екс-прваците на Европа, сепак се претвори во хорор-приказна за мадридскиот и миланскиот гигант, кои сега се во позиција да мора да триумфираат, иако сезонава во најпрестижното натпреварување играат безмалку очајно и сега ја имаат последната шанса за спас.

Борусија Менхенгладбах со 8 бода е прва и гостува кај Реал Мадрид, кој е трет и има седум бода, колку што има и Шахтер на второто место, но Украинците по двете победи над „кралскиот клуб“ имаат подобар меѓусебен скор. Интер со пет бода е последен, но го чека украинскиот првак во Милано.

Две победи на великаните ќе ги однесат во осминафиналето, а ако не успеат да победат, тогаш може да се простат од елитното натпреварување, а само еден од нив ќе оди во Лига Европа. И на Менхенгладбах, а и на Шахтер им одговара и реми од мечевите за пласман во следната фаза.

„Кога ќе ја видите табелата, нема друга опција за нас освен да победиме на овој меч“, вели Тони Крос, германскиот репрезентативец во Реал Мадрид.

Ред Бул Салцбург го пречекува поранешниот освојувач на Лига Европа и финалист во ЛШ, Атлетико Мадрид во клучниот меч за второто место кое ќе оди во осмонафиналето во групата А покрај недопирливиот европски првак Баерн Минген. Австријците со два бода зад Атлетико, денеска ќе мора да победат ако сакаат пласман, додека четата на Диего Симеоне може и со реми да обезбеди пласман понатаму.

Ајакс од 18.55 часот ја пречекува Аталанта во меч на кој нема друг избор за четирикратниот европски првак освен триумф за второ место во групата во која Ливерпул сигурно е пласиран, па жестока и пресметка со отворен гард се очекува во Амстердам, посебно што Аталанта е екипа која обожува да игра офанзивно.

Олимпијакос го пречекува Марсеј во битка за третото место и пласман во Лига Европа, меч кој има поголем резултатски значај од дел од мечевите, кои само формално ќе се играат, а денеска од 18.55 часот ќе се доигра и вчерашната прекината пресметка на ПСЖ и Истанбул Башакшехир, која ќе решава само за првото место во групата, откако Ред Бул Лајпциг го елиминираше Манчестер јунајтед.

ГРУПА А: Баерн Минхен – Локомотив М., РБ Салцбург – Атл. Мадрид (двете од 21 часот)
ТАБЕЛА: Баерн Минхен 13, Атл. Мадрид 6, РБ Салцбург 4, Локомотив М. 3

ГРУПА Б: Реал Мадрид – Борусија Менхенгладбах, Интер – Шахтер (двете од 21 часот)
ТАБЕЛА: Борусија М. 8, Шахтер 7, Реал Мадрид 7, Интер 5

ГРУПА Ц: Манчестер сити – Порто, Олимпијакос – Марсеј (двете од 21 часот)
ТАБЕЛА: Манчестер сити 13, Порто 10, Олимпијакос 3, Марсеј 3

ГРУПА Д: Ајакс – Аталанта, Митјиланд – Ливерпул (двете од 18.55 часот)
ТАБЕЛА: Ливерпул 12, Аталанта 8, Ајакс 7, Митјиланд 1.