Тер Штеген во војна со Барселона - бара 42 милиона евра за да си оди

Позната е намерата на Барселона да ангажира нов голман во летниот преоден рок и одамна се зборува дека изборот ќе биде Жоан Гарсија од Еспањол.

Тоа го става Марк Андре Тер Штеген во неповолна позиција бидејќи иако капитен, нема да биде прв избор на голот ако остане, а тој самиот не сака да си оди. По репрезентативните обврски во Лигата на нации, искусниот голман се врати во Барселона и побара итен состанок со раководството на клубот, но проблем е тоа што спортскиот директор Деко и тренерот Ханси Флик се на одмор.

Германецот нема намера да се откаже без борба, а уште пред да замине на собирот на репрезентацијата најави дека максимално ќе ѝ ја отежне работата на Барселона. Тоа значи дека ќе си ги бара сите пари од договорот што е до важност до 2028 година и кој треба да му донесе вкупно 42 милиона евра.

На Барселона секако не ѝ одговара тоа, па ќе мора да најде соодветно решение, а за тоа време на адреса на Тер Штеген пристигнуваат понуди. Заинтересирани се клубови од Саудиска Арабија, потоа Галатасарај, како и Милан кој летово најверојатно ќе остане без Мењан.