Вардар сака да заработи минимум еден милион евра од картите за Фенербахче!

Македонскиот фудбалски шампион Вардар сака да заработи повеќе од еден милион евра од пресметката со турски Фенербахче, откако за дуелот на 17 август на Националната Арена „Филип Втори“ стави неверојатно виски цени за првиот меч од плејофот во Лига Европа.

Никогаш досега во историјата на македонскиот спорт немало толку скапи влезници за меч на македонски тим. Вардарци денеска објавија дека цената на влезниците е од 2.000 денари за страничните трибини на Арената, 2.500 денари за страничните блокови на централните трибини и 3.000 денари за централните трибини на стадионот.

Вардар им даде алиби попуст (50 отсто) на своите навивачи кои имаат сезонски пас-билети или влезници од последните два меча во квалификациите за Лигата на шампионите со Малме во Струмица (500 денари влезница) и Копенхаген во Скопје (300 денари влезница), но прашање е колку од 12 илјадната публика на мечот со Копенхаген, или тие што беа во Струмица, сега ги чуваат влезниците од претходните два меча за да добијат нов билет по - пеколно скапа цена (од 1.000 до 1.500 денари) за македонски услови.

Со проста математика, Арената има капацитет од 33.000 гледачи и ако просечната цена е најмалку 30 евра (1.800 денари), која е пресметана ако сите вардарци купат карти со попустот, црвено-црните ќе заработат најмалку еден милион евра. Особено што управата на клубот реши непријатно да ги изненади скопјани, па култната јужна трибина им ја „шитна“ на гостите и само од неа ќе заработи половина милион евра од влезниците што ќе ги продаде на навивачи на Фенербахче. Јужната трибина е најголема по капацитет со преку 11.000 гледачи, од кои за две илјади столчина (страничните блокови) се 40 евра (2.500 денари), а останатите четири блока се по 50 евра (3.000 денари).

Македонскиот шампион со елиминацијата од Копенхаген пропушти златна шанса да обезбеди европска есен и пласман во групите во Лига Европа, а со тоа и голема милионска заработка. Вардар со дуелот со Фенербахче има веќе сигурни 1,2 милиони евра од настапите во Европа летово, а очигледно црвено-црните со високите цени на влезниците сакаат убаво да профитираат и да ја наполнат клупската каса.

Само за потсетување, денеска во Скопје се игра Суперкупот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, а најскапите влезници за мегаспектаклот чинат еднакво како најскапите билети за пресметката на македонскиот првак со турските сино-жолти.