Првпат во историјата: Вардар култната јужна трибина им ја „шитна“ на турските навивачи!
Кога ќе се спомене Вардар и фудбалски меч на црвено-црните, прва асоцијација за сите симпатизери на македонскиот шампин е јужната трибина, на која освен приврзаниците сместена е и старата гарда на Комити. Сега, управата на клубот реши таму да ги смести навивачи на Фенербахче, па Вардар наместо да има огромна поддршка во пресметката со турскиот гигант и фаворит, на „Филип Втори“ силите на трибините ќе бидат речиси идентични.
„Поради големиот интерес и од безбедносни причини, јужната трибина на 'Телеком Арената' ќе биде резервирана за навивачи на Фенербахче. Навивачи на Вардар и неутрални гледачи, можат да купуваат билети само за западната и за северната трибина од стадионот“, објавија црвено-црните на својата клупска интернет-страница.
Тоа што е интересно е дека турски навивачи може да има за нијанса повеќе од навивачи на македонскиот клуб, затоа што северната трибина е помала по капацитет од југот (поради ВИП ложата и новинарските ложи), како и западната, на која редовно се сместени Комитите.
Гостувањето на Фенербхче во Скопје ќе биде атракција, па турскиот гигант ќе има огромна поддршка од свои приврзаници од земјава, како и од соседството, а допрва ќе биде познато колку турски навивачи од Истанбул ќе дојдат на мечот за да го бодрат својот клуб.
За пресметката со Копенхаген, Националната Арена беше отворена за вардарови навивачи само на јужната трибина и два блока од западот, поради договорот на клубот со УЕФА пред Суперкупот.