Мизерија од дерби на Сан Сиро: Милан и Јуве пак без голови

Пред две децении, љубителите на фудбалот од цел свет со нетрпение очекуваа да се сретнат Милан и Јувентус за да уживаат во мајсториите на, во тоа време, некои од најдобрите фудбалери на планетата.

Денес, тоа е еден од најздодевните натпревари во европскиот фудбал и со години не носи ништо убаво и квалитетно. Исклучок не беше ни денешното „дерби“ на Сан Сиро кое заврши без голови, петти пат во последните десет меѓусебните пресметки. И не само што немаше голови, туку едвај се протна по некоја шанса, колку да не биде без ич.

Најголемата ја имаше Салемакерс кој во 50. минута ја погоди пречката со единствениот удар на Милан во рамките на голот на Јувентус. Претходно, во првото полувреме, Турам ја затресе мрежата на „росонерите“, но неговиот гол оправдано беше поништен поради офсајд.

По ова реми, Милан остана само со теоретски шанси за шампионската титула, но на двете екипи не им е обезбеден пласманот во Лигата на шампионите бидејќи Комо и Рома не се многу далеку, а остануваат уште четири кола до крајот.