Монпелје го очекува пекол во Скопје - половина сала распродадена за само 24 часа
Двократниот поранешен европски шампион објави дека за само 24 часа откако се пуштени билетите во продажба, распродаден е половина од капацитетот на арената „Јане Сандански“ за натпреварот против Монпелје. Нема никакво сомнение дека во следните девет дена, веројатно и порано, ќе „отиде“ и останатата половина, а францускиот претставник ќе доживее пеколен пречек во Скопје.
„Цела година се подготвуваме за ова, за овој завршен чин од сезоната и верувајте дека ќе се бориме до крај, онака како што ни налага големината на името кое го носиме. Вардарци, Ви благодариме и ве повикуваме: време е Европа повторно да ја почувствува атмосферата на полниот ракометен храм!“, објави Вардар на социјалните мрежи.
Првиот натпревар е на програмата во вторник од 20:45 часот на теренот на Монпелје, а реваншот е седум дена подоцна во Скопје. Победникот од овој двомеч ќе обезбеди пласман на завршниот турнир кој годинава ќе се одржи во Хамбург на 30 и 31 мај.