Томас Тухел го постави првиот рекорд како англиски селектор

Репрезентацијата на Англија вчера ја совлада Андора со 1-0 и остана со максимален ефект во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

„Гордиот Албион“ има девет бода по првите три меча, а Томас Тухел го постави првиот рекорд откако стана селектор на оваа репрезентација. Тој е прв во историјата што победил на првите три меча на функцијата и тоа без ниеден примен гол.

За волја на вистината, немаше многу тешка работа бидејќи Англија е апсолутен фаворит во групата К и само чудо може да ја симне од првото место. Во воведните три кола, Англија играше со Албанија (2-0), Летонија (3-0) и Андора (1-0), па нема да биде изненадување ако и на следниот меч, повторно против Андора, но на домашен терен, остане без примен гол.

Сепак, во меѓувреме, во вторник, Англичаните ги очекува и пријателски дуел против Сенегал во Нотингем што ќе биде најсилен тест за оваа репрезентација од доаѓањето на Тухел на селекторската позиција.