Со него почна херојската приказна на младинците, а сега ќе му суди на Вардар во Истанбул

УЕФА назначи судија за натпреварот меѓу Фенербахче и Вардар, реванш од плејофот во Лига Европа. Станува збор за арбитар кој веќе е поврзан со една фантастична приказна во македонскиот фудбал.

Шансата за најголем, историски успех на еден македски клуб во фудбалска Европа во голем процент ќе зависи од свирчето на Даниел Стефански. Полскиот судија ќе ја дели правдата на „Шукру Сарачоглу“ в четврток во 19.30 часот, а фановите од земјава посакуваат да се повтори приказната од неговиот последен меч поврзан со мак-фудбалот.

Стефански е човекот кој ѝ судеше на македонската репрезентација до 21 година, во натпреварот со Украина во Скопје од квалификациите за ЕП во Полска. Тоа е натпреварот на кој ја забележавме првата победа во тој циклус и со кој почна херојскиот подвиг на нашите млади фудбалери.

Тој натпревар имаше драматична завршница, со гол на Радески во судиското продолжение, само како додаток на тензијата со која уште претходно мораше да се справува судијата Стефански. Додели два црвени картона, поточно двојни жолти, прво на Украина, а пред финишот и на Македонија и тоа на Дарко Велковски, играчот кој в четврток ќе добие голема одговорност како замена на суспендираниот Бобан Грнчаров.

Стефански последно судел на мечот Салцбург - Риека, кој заврши со 1-1 и подоцнежен пласман на гостите во плејоф-фазата од Лигата на шампионите. Дека гостите имаат повеќе среќа на неговите натпревари говори и податокот дека досега досудил шест пенали, од нив дури пет за гостинските тимови.