Сите биле во заблуда: Словенија заврши на третото место поради - жолт картон на помошниот тренер

Репрезентацијата на Данска го освои второто место во групата Ц од Европското првенство, но не поради параметарот за кој сите мислеа дека е клучен при одредувањето на конечниот пласман.

Данска и Словенија имаа по три бода на крајот од групната фаза и двете репрезентации обезбедија пласман во осминафиналето. Сепак, на второто место заврши Данска, додека Словенија е трета.

 

 

Причината не е подобриот меѓусебен дуел во квалификациите, туку, како што објави УЕФА пред малку, вкупниот број на жолти картони на двете репрезентации. Словенците имаат еден повеќе, но спорниот картон не го добил фудбалер, туку помошниот тренер во репрезентацијата Миливоје Новаковиќ. За ова никој не беше свесен затоа што жолтите и црвените картони на лицата од стручниот штаб ги нема во официјалниот записник.

Ако Словенија беше елиминирана поради жолтиот картон на Новаковиќ, тој ќе беше најголем трагичар, но вака е херој бидејќи Словенците во осминафиналето го избегнаа домаќинот Германија на кого оди Данска. Словенија ќе се сретне или со Португалија, што исто така е тежок ривал или со победникот од групата Е каде што се Романија, Белгија, Словачка и Украина каде сите четири репрезентации во моментов имаат по три бода.