Се подготвува потрес во Србија: Ќе „лета“ Пикси, но и цел Фудбалски сојуз

Новата катастрофа што ја приреди фудбалската репрезентација на Србија нема да остане несанкционирана за оние што го водат фудбалот кај нашиот северен сосед.

Телевизијата Спортклуб попладнево информира дека се чека само враќањето во земјата за да се донесат драстични мерки какви што не се видени никаде во светот досега. Жртва нема да биде само селекторот Драган Стојковиќ, кој речиси сигурно добива отказ на својата функција, туку, како што тврди телевизијата, ќе се распушти цел Фудбалски сојуз, од претседателот Драган Џајиќ, потпретседателот Бранислав Недимовиќ, до останатите структури во ФСС.

Ваквиот развој на настаните е исклучително чуден, ако се има предвид тоа што Стојковиќ потпиша нов договор непосредно пред Европското првенство и во него има клаузула за раскин во висина од еден милион евра. Дури и претседателот Александар Вучиќ тогаш инсистираше Пикси да остане на селекторската функција за сега остро да го критикува што веројатно е причината, сериозно да се разгледува опцијата за раскин на соработката. Ако тогаш Пикси не потпишеше нов договор, сега ФСС ќе можеше мирно да го отпушти, без да му плаќа отштета.

Распуштањето на Извршниот одбор на ФСС ќе биде нешто подолг процес, а потоа ќе се пристапи кон избор на ново раководство. Се чини дека до крајот на оваа година тоа нема да биде реализирано, освен ако не дојде наредба од највисокиот државен врв во земјата.