Роналдо решета и брка историја: Сè поблизу е да биде најдобриот голгетер на светот! (ФОТО)

Португалската гол-машина Кристијано Роналдо синоќа постигна четири гола во убедливата победа во Вилнус на актуелниот европски првак против Литванија со 5-1 со што продолжи да ги урива рекордите и со тоа уште еднаш потврди дека со право е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Роналдо вторпат во кариерата успева во португалскиот дрес да даде четири гола, а само Еузебио и Нуњо Гомеш по еднаш имаат вакво остварување, но за Португалецот ова е десетти пат на еден меч во кариерата да стигне до четири погодоци на еден меч, што делува застрашувачки.

Португалската суперѕвезда на Јувентус веќе има 93 гола за Португалија, убедливо е најдобар европски стрелец, но како решета многу брзо може да стане најдобар голгетер на светот на сите времиња. Само 16 гола го делат од Иранецот Али Даеи, а самиот факт дека Роналдо има уште доста за играње, рекордот е сè поблизу.

Инаку, досега фудбалскиот велемајстор има дадено гол на 40 различни репрезентации, но не и на Македонија во единствената пресметка пред седум години која заврши без победник и без голови.