Реал со минимална предност ќе оди во соседството, Арсенал го распарчи ПСВ (ВИДЕО)

Дури во третиот меѓусебен натпревар оваа сезона, Реал првпат успеа да го совлада својот градски ривал Атлетико, но далеку од тоа дека ја заврши работата во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Пред своите навивачи, бранителот на титулата славеше со 2-1, но пропушти шанса да оствари многу поубедлив триумф, особено поради подобрата игра во првото полувреме. До водство дојде мошне рано, веќе во четвртата минута откако Родриго по додавањето од Валверде, сам се избори за добра позиција и го совлада Облак.

 

 

Во натамошниот дел од првото полувреме, Реал постојано притискаше, созададе 3-4 добри шанси, но не успеа да го зголеми водството. Казната за тоа стигна во 32. минута кога Хулијан Алварез со прекрасен удар го матира Куртоа и израмни на 1-1, резултат со кој се замина на голем одмор.

За сепак Реал со минимална предност да го дочека реваншот, се погрижи Брахим Дијаз кој на асистенција на Менди во 55. минута го постави конечниот резултат. Атлетико во финишот имаше иницијатива, повеќе се играше на половината на Реал, но без изгледни шанси за гол.

Најубедливата победа денеска ја оствари Арсенал кој во реваншот против ПСВ ќе може да ги одмори најдобрите играчи затоа што во Ајндховен славеше со 7-1. Каква ќе биде судбината на холандскиот првак можеше да се предвиди по само половина часа игра кога „топчиите“ веќе водеа со 3-0 со головите на Тимбер, Нванери и Мерино. Ланг од пенал намали, но во второто полувреме Одегард два пати се запиша во листата на стрелците, а по еднаш тоа го направија Тросар и Калафјори за тотален дебакл на тимот на ПСВ.

РЕЗУЛТАТИ
Бриж - Астон Вила 1-3
Борусија Дортмунд - Лил 1-1
ПСВ - Арсенал 1-7
Реал - Атлетико 2-1